3 Јованово

1 Павле и Тимотеј, слуги на Христос Исус, до сите светии во Христос Исус, кои се во Вилипи, заедно со надзорниците и ѓаконите:
2 благодат вам и мир од Бог нашиот Татко и од Господ Исус Христос.
3 Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас;
4 секогаш во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост,
5 заради вашето учество во Евангелието од првиот ден досега.
6 Уверен сум во тоа, дека Оној Кој го започна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христос Исус.
7 А и исправно е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието.
8 Зашто Бог ми е сведок колку копнеам по сите вас со срдечната љубов на Христос Исус.
9 И затоа се молам вашата љубов да изобилува сè повеќе и повеќе во целосно познавање и во секакво расудување,
10 за да можете да го распознавате она што е подобро; за да бидете искрени и беспрекорни за Христовиот ден,
11 исполнети со плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бог.
12 А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна за поголем напредок на Евангелието,
13 така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христос,
14 и дека повеќето од браќата во Господ, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сè повеќе без страв да го проповедаат Божјото слово.
15 Навистина, едни Го проповедаат Христос од завист и соперништво, а други од добра волја;
16 едни од љубов, знаејќи дека сум поставен за одбрана на Евангелието,
17 а други Го навестуваат Христос од себични пориви, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат тага во моите окови.
18 Но што тогаш? Само тоа: дека на секаков начин, било дволично или искрено, Христос се навестува. На тоа му се радувам и ќе се радувам,
19 зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исус Христос - ќе ми биде за избавување,
20 сходно со моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам, туку како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе е возвишен во моето тело, било преку живот или преку смрт.
21 Зашто за мене да живеам е Христос, а да умрам - придобивка.
22 Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи плодна работа - и не знам што да изберам.
23 Притиснат сум од две страни, имам желба да си заминам и да бидам со Христос, што е далеку подобро,
24 но заради вас е попотребно да останам во телото.
25 И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваш напредок и за радост во верата.
26 А вашата пофалба преку мене да биде уште поизобилна во Христос Исус, заради моето повторно доаѓање кај вас.
27 Само однесувајте се достојно на Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен - да чујам за вас дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите за евангелската вера,
28 и дека воопшто не се вознемирувате од противниците, што е знак за нивна погибел, а спасение за вас, и тоа од Бог.
29 Зашто вам ви беше дадено заради Христос не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него,
30 имајќи ја истата борба, каква што видовте во мене, а и сега слушате за мене.