Лука

1 Откако мнозина почнаа да ги опишуваат настаните што се случија меѓу нас,
2 како што ни ги предадоа оние кои од почетокот беа очевидци и служители на Словото,
3 ми се виде добро, откако испитав сè подробно од почетокот, да ти ги опишам по ред, честити Теофиле,
4 за да ја разбереш веродостојноста на она во коешто си бил поучуван.
5 Bо деновите на јудејскиот цар Ирод, беше еден свештеник, по име Захарија, од Абиевиот род, а тој имаше жена од Ароновите ќерки, по име Елисавета.
6 Двајцата беа праведни пред Бог, следејќи ги непорочно сите Господови заповеди и повелби.
7 Немаа дете, зашто Елисавета беше неплодна, а двајцата беа во години.
8 Еднаш, кога тој ја вршеше свештеничката служба пред Бог, според редоследот на неговиот чин,
9 според свештеничкиот обичај, му се падна со жрепка да влезе во Господовиот Храм и да покади.
10 За време на кадењето сиот насобран народ се молеше надвор.
11 Тогаш му се јави Господов ангел, стоејќи оддесно на кадилниот жртвеник.
12 Кога го виде, Захарија се збуни и страв го обзеде.
13 Но, ангелот му рече: 'Не плаши се, Захарија! Молитвата ќе ти се исполни! Жена ти, Елисавета, ќе роди син, кому треба да му го дадеш името Јован.
14 Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и мнозина ќе се зарадуваат на неговото раѓање,
15 зашто ќе биде велик пред Господ - не ќе пие ни вино, ниту опојни пијалаци. Ќе се исполни со Светиот Дух уште во утробата на својата мајка,
16 и многу израелови синови ќе обрати кон Господ, нивниот Бог.
17 Тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците спрема децата, а непокорните спрема мудроста на праведниците, и да подготви луѓе кои се спремни за Господ.'
18 А Захарија му рече на ангелот: 'По што ќе го познаам тоа? Јас сум стар, а и жена ми е во поодминати години!'
19 Ангелот одговори, велејќи: 'Јас сум Гаврил, кој стои пред Бог, а испратен сум да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа радосна вест.
20 Ете, ќе онемиш и не ќе можеш да зборуваш до денот кога ќе се збидне ова, затоа што не им поверува на моите зборови, што ќе се исполнат кога ќе дојде времето.'
21 А луѓето го чекаа Захарија и се чудеа зошто толку долго се задржа во Храмот.
22 Кога излезе, не можеше да им зборува и тие сфатија дека имал видение во Храмот. А тој им даваше знаци и остана нем.
23 И кога завршија деновите на неговата служба, се врати во својот дом.
24 А по тие дни, жена му Елисавета зачна та се криеше пет месеци, велејќи:
25 'Ова го стори Господ во деновите кога погледна на мене, за да го отстрани мојот срам меѓу луѓето.'
26 А во шестиот месец, Бог го испрати ангелот Гаврил во галилејскиот град што се викаше Назарет,
27 кај девица, свршена за маж по име Јосиф, од Давидовиот дом. Името пак на девицата беше Марија.
28 И кога ангелот дојде кај неа, и рече: 'Радувај се љубима! Господ е со тебе, благословена си меѓу жените!
29 Таа се уплаши од овие зборови и размислуваше каков поздрав може да биде тоа?
30 Тогаш ангелот и рече: 'Не плаши се Маријо, зашто најде милост кај Бог.
31 Ете, ќе зачнеш и ќе родиш Син, и ќе Му го дадеш името Исус.
32 Тој ќе биде велик и ќе се нарече Син на Севишниот. И Господ Бог ќе Му го даде престолот на Давид, Неговиот татко.
33 Тој ќе царува над Јакововиот дом довека, и Неговото царство не ќе има крај.'
34 А Марија му рече на ангелот: 'Како ќе биде тоа, кога не знам за маж?'
35 Ангелот одговори, велејќи и : 'Светиот Дух ќе дојде на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; затоа Светото дете кое ќе биде родено - ќе се нарече Божји Син.
36 Bиди, твојата роднина Елисавета, и таа зачна син во својата старост. Таа која ја нарекуваат неплодна, веќе е во шестиот месец.
37 Зашто, за Бог, ништо не е невозможно.'
38 Марија му рече: 'Еве ја Господовата слугинка, нека ми биде како што рече!' И ангелот си отиде откај неа.
39 Bо тие дни, Марија стана и бргу отиде во планинскиот крај, во Јудиниот град.
40 Bлезе во куќата на Захарија и ја поздрави Елисавета.
41 И штом Елисавета го чу поздравот од Марија, бебето и заигра во утробата, а Елисавета се исполни со Светиот Дух.
42 Па извика гласно и рече: 'Благословена си ти меѓу жените! И благословен е плодот во твојата утроба!
43 Како тоа, мајката на мојот Господ да дојде кај мене?
44 Зашто, ете, кога гласот на твојот поздрав дојде до моите уши, плодот заигра од радост во мојата утроба.
45 Блажена е таа која поверува дека ќе се исполни она што Господ и го рекол.'
46 А Марија рече: 'Мојата душа Го велича Господ!
47 И мојот дух се зарадува во Бог, мојот Спасител,
48 зашто погледна на понизноста на Својата слугинка. И ете, отсега сите поколенија ќе ме сметаат за блажена,
49 зашто Силниот стори големи дела за мене. Неговото име е свето,
50 и Неговата милост од поколение до поколение, е за оние кои имаат страхопочит кон Него.
51 Со Својата рака направи моќни дела, ги распрсна оние со горделиви мисли во нивните срца,
52 ги симна владетелите од престолите, а ги воздигна понизните;
53 гладните ги насити со добра, а богатите ги остави со празни раце;
54 му помогна на Израел, Својот слуга, како спомен на Неговата милост,
55 како што им зборуваше и на нашите татковци - на Авраам и неговото семе, довека.'
56 А Марија остана со неа околу три месеци и се врати во својот дом.
57 На Елисавета и дојде време за раѓање, и роди син.
58 И кога нејзините соседи и роднини чуја дека Господ и укажа голема милост, се радуваа со неа.
59 А на осмиот ден дојдоа да го обрежат детето, и сакаа да го наречат Захарија, по името на татко му.
60 Но неговата мајка рече: 'Не, туку ќе биде наречен Јован!'
61 А тие и рекоа: 'Нема никој во твојот род кој се вика така.'
62 И со знаци го прашаа татко му, како сака да се вика неговото дете.
63 А тој побара штичка и напиша: 'Името му е Јован.' И сите се зачудија.
64 А устата и јазикот веднаш му се отворија и тој прозборе па Го благословуваше Бог.
65 Притоа страв ги обзеде сите нивни соседи, а за сето тоа се прикажуваше по целиот планински крај на Јудеја,
66 и сите што слушнаа, го примија тоа во своите срца, велејќи: 'Што ќе биде од ова дете?' Зашто Господовата рака беше со него.
67 А татко му, Захарија, се исполни со Светиот Дух и пророкуваше, велејќи:
68 'Благословен е Господ, Богот на Израел, зашто го посети и го откупи Својот народ;
69 и ни издигна рог на спасение во домот на Својот слуга Давид;
70 како што вети од дамнина: преку устата на Своите свети пророци:
71 'Спасение од нашите непријатели и од рацете на сите кои нè мразат',
72 за да ја пројави милоста над нашите татковци и да се сети на Својот свет завет,
73 за заклетвата со која му се заколна на нашиот татко Авраам, дека ќе ни даде
74 да Му служиме без страв, избавени од рацете на непријателите,
75 во светост и праведност пред Него, во сите наши дни.
76 А ти, чедо, ќе бидеш наречено пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Господ, за да ги подготвиш Неговите патишта,
77 за да му дадеш на Неговиот народ да познае спасение преку проштавањето на нивните гревови,
78 заради милосрдноста на нашиот Бог, со која ќе нè посети Зората од висините,
79 за да ги осветли оние кои седат во темнината и во смртната сенка, и да ги упати нашите нозе по патот на мирот.'
80 А детето растеше и закрепнуваше со духот, и живееше во пустините до денот кога јавно истапи пред Израел.