1 Јованово

1 Павле, апостол (испратен не од луѓе, ниту со посредство на човек, туку преку Исус Христос и Бог Таткото, Кој Го воскресна од мртвите),
2 и сите браќа кои се со мене, до црквите во Галатија.
3 Благодат и мир вам од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос,
4 Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нè избави од сегашниот зол свет, по волјата на нашиот Бог и Татко,
5 Кому нека е слава за вечни векови. Амин!
6 Се чудам дека така брзо се одвраќате од Оној Кој ве повика преку Христовата благодат, и преминувате кон друго евангелие,
7 кое не е друго, само има некои кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие.
8 Но ако дури и ние или ангел од небото ви проповеда друго евангелие, спротивно од она што ви го проповедавме, нека биде проклет!
9 Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие, покрај она што го примивте, нека биде проклет!
10 Дали сега јас барам наклонетост од луѓето или од Бог? Или, пак, настојувам да им угодам на луѓето? Ако уште би им угодувал на луѓето, немаше да бидам Христов слуга.
11 Но јас ве известувам, браќа, дека Евангелието кое го проповедав не е човечко,
12 бидејќи ниту го примив од човек ниту го научив, туку е преку откровение од Исус Христос.
13 Bие секако сте чуле за моето некогашно поведение во јудаизмот: колку прекумерно ја гонев Божјата црква и се обидував да ја уништам;
14 и во јудаизмот надминав многу свои врсници сред својот народ, имајќи крајна ревност за преданијата на моите претци.
15 А кога Му беше по волја на Бог, Кој ме издвои уште од утробата на мојата мајка и ме повика преку Својата благодат,
16 да Го открие во мене Својот Син за да Го проповедам меѓу неевреите, не се посоветував веднаш со телото и крвта,
17 ниту отидов горе во Ерусалим кај оние кои пред мене беа апостоли, туку отидов понатаму во Арабија и пак се вратив во Дамаск.
18 А три години подоцна отидов горе во Ерусалим за да го видам Петар, и останав кај него петнаесет дена.
19 Но не видов некој друг од апостолите, освен Јаков, Господовиот брат.
20 (А ова што ви го пишувам, еве пред Бог велам дека не лажам.)
21 Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија.
22 А на црквите во Јудеја, кои се во Христос, лично уште им бев непознат;
23 тие беа само слушале: 'Оној кој некогаш нè прогонуваше, сега ја проповеда верата која некогаш ја разурнуваше.'
24 И го славеа Бог заради мене.