Марко

1 Почетокот на Евангелието за Исус Христос, Божјиот Син.
2 Како што е запишано кај пророкот Исаија: 'Ете, Јас го испраќам Својот гласник пред Твоето лице, кој ќе го подготви Твојот пат;
3 гласот на оној, кој вика во пустината: 'Подгответе го патот на Господ, исправете ги Неговите врвици'.'
4 Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите.
5 И доаѓаа кај него од цела Јудеја и од Ерусалим, и од него беа крштавани во реката Јордан, при што ги исповедуваа своите гревови.
6 А Јован беше облечен во руба од камилски влакна и имаше кожен појас околу својата половина, и јадеше скакулци и див мед.
7 Тој проповедаше, велејќи: 'По мене иде посилен од мене, пред Кого не сум достоен да се наведнам и да ги одврзам ремењата на Неговите сандали.
8 Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крштава со Светиот Дух.'
9 Bо тоа време, Исус од Назарет дојде во Галилеја, и беше крстен од Јован во Јордан.
10 И веднаш, додека излегуваше од водата, виде како небесата се отворија и како Духот слегува над Него како гулаб.
11 И се чу глас од небото: 'Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!'
12 Bеднаш потоа Духот Го одведе во пустината.
13 И беше во пустината четириесет дни, искушуван од сатаната. А беше меѓу диви ѕверови и ангели Му служеа.
14 А откако Јован беше предаден, Исус дојде во Галилеја, проповедајќи го Божјото Евангелие.
15 И зборуваше: 'Bремето се исполни, и наближи Божјото царство; покајте се и верувајте во Евангелието!'
16 И одејќи крај Галилејското Море ги виде Симон и Андреј, братот на Симон, како фрлаат мрежа во морето - зашто беа рибари.
17 А Исус им рече: 'Тргнете по Мене и Јас ќе направам да станете рибари на луѓе!'
18 Тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.
19 И кога одмина малку понатаму ги виде Јаков, Зебедеевиот син, и брат му Јован како во кораб ги крпат мрежите;
20 и веднаш ги повика. А тие, оставајќи го татка си Зебедеј со наемниците во коработ, тргнаа по Него.
21 И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботен ден Тој влезе во синагогата и поучуваше.
22 А тие Му се восхитуваа на Неговото учење, зашто ги поучуваше како некој кој има власт, а не како закониците.
23 Тогаш во нивната синагога беше еден човек со нечист дух, па извика
24 велејќи: 'Ах! Што имаме ние со Тебе, Исусе Назареќанецу? Дали дојде да нè погубиш? Знам кој си Ти, Божји светец!'
25 А Исус му се закани: 'Молкни и излези од него!'
26 И нечистиот дух го стресе, извика со силен глас и излезе од него.
27 И сите се вчудовидоа, па се прашуваа еден со друг, велејќи: 'Што е ова? Ново учење - полно со власт! Тој им заповедува дури и на нечистите духови и тие Му се покоруваат!'
28 И веднаш се разнесе глас за Него на сите страни, по целата галилејска област.
29 И штом излегоа од синагогата, со Јаков и Јован дојдоа во куќата на Симон и Андреј.
30 А Симоновата тешта лежеше од треска, и веднаш Му кажаа за неа.
31 Тој и пристапи, ја фати за рака и ја поткрена. Тогаш треската ја напушти, па таа им служеше.
32 А приквечер, по зајдисонце, Му ги доведоа сите болни и опседнати,
33 па целиот град се собра пред вратата.
34 И исцели мнозина, кои страдаа од разни болести, истера многу демони и не им дозволи на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја.
35 А изутрината, додека уште беше темно, стана, излезе и отиде на пусто место, и таму се молеше.
36 А Симон и оние што Го придружуваа поитаа по Него,
37 и кога Го најдоа, Му рекоа: 'Сите Те бараат!'
38 Тој им одговори: 'Да одиме во соседните села, да навестувам и таму, зашто за тоа и дојдов.'
39 И дојде навестувајќи во нивните синагоги по цела Галилеја, и изгонувајќи ги демоните.
40 И дојде кај Него еден лепрозен, и на колена молејќи Го, Му зборуваше: 'Ако сакаш, можеш да ме исчистиш.'
41 И Тој се сожали, ја протегна раката, го допре и му рече: 'Сакам! Биди чист!'
42 И веднаш лепрата го напушти и тој стана чист.
43 И предупредувајќи го строго, веднаш го пушти
44 и му рече: 'Гледај, никому ништо да не си кажал! Туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го за своето исчистување она што го заповеда Мојсеј, ним за сведоштво.'
45 А тој, штом излезе, почна да разгласува многу и да раскажува за настанот, па Исус не можеше веќе јавно да влезе в град; туку остануваше надвор, по ненаселени места; а кај Него доаѓаа од сите страни.