Дела Ап.

1 Првиот извештај, о Теофиле, го составив за сето она што Исус почна да го прави и поучува,
2 до денот кога беше вознесен, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите што ги беше избрал,
3 на кои им се претстави жив по Своето страдање, со многу несоборливи докази: јавувајќи им се четириесет дена и зборувајќи им за Божјото царство.
4 Кога се состануваше со нив, им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето на Таткото, 'за кое чувте од Мене':
5 зашто навистина Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни, ќе бидете крстени со Светиот Дух!'
6 А кога се собраа, Го прашаа, велејќи: 'Господи, сега ли ќе го востановиш царството на Израел?'
7 А Тој им рече: 'Не е ваше да ги знаете времињата и периодите, што Таткото ги одреди со Својата власт.
8 Туку ќе примите сила, кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и Самарија, па сè до крајот на земјата.'
9 И велејќи го тоа, се вознесе пред нивните очи, и облак Го зеде од пред нивните погледи.
10 И додека гледаа настојчиво кон небото, додека Тој си заминуваше, ете двајца мажи во бела облека застанаа крај нив
11 и им рекоа: 'Мажи, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што Го видовте да оди на небото.'
12 Тогаш се вратија во Ерусалим од гората, која се вика Маслинова, што е близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење.
13 И кога влегоа во куќата, се искачија во горната соба, каде што чекаа: Петар и Јован, Јаков и Андреј, Вилип и Тома, Бартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот, и Јуда братот на Јаков.
14 Сите овие еднодушно и едностојно беа во молитва, заедно со некои жени, со Марија, мајката на Исус, и со Неговите браќа.
15 А во тие дни Петар застана меѓу браќата (а беа собрани околу сто и дваесет души), и рече:
16 'Браќа, требаше да се исполни Писмото што Светиот Дух го прорече преку Давидовата уста за Јуда, кој им беше предводник на оние кои Го фатија Исус;
17 тој беше вброен меѓу нас и имаше добиено дел од службата.
18 (Имено, тој стекна нива со незаслужена награда; и падна ничкум, се растрбуши по средината и се свлечка целата негова утроба.
19 И тоа им стана познато на сите жители на Ерусалим, па нивата на нивниот јазик беше наречена Акелдама, што значи 'Крвна нива.')
20 Зашто, во свитокот на Псалмите е напишано: 'Неговиот имот да биде испустен и никој да не живее во него!' и 'Неговата служба да ја прими друг.'
21 И така, треба еден од луѓето, што беа со нас за сето време, откако Господ Исус дојде кај нас и си отиде од нас,
22 почнувајќи од Јовановото крштавање до денот кога се вознесе од нас, еден од нив треба да биде заедно со нас сведок на Неговото воскресение.'
23 И предложија двајца: Јосиф, наречен Барнаба (со прекар и Јуст), и Матиј.
24 И се помолија, велејќи: 'Господи, Ти Кој ги познаваш срцата на сите, покажи ни кого го имаш избрано од овие двајца,
25 да земе дел во оваа служба и апостолство, од кое отпадна Јуда, за да појде на своето место!'
26 И фрлија жрепка за нив, а жрепката падна за Матиј па него го вброија во единаесетте апостоли.