Јаков

1 Павле, слуга на Исус Христос, повикан за апостол, издвоен за Евангелието од Бог,
2 кое Тој однапред го вети преку Своите пророци во Светите писма,
3 а кое зборува за Неговиот Син, по тело роден од Давидовото семе,
4 кој според Духот на светоста беше моќно посведочен за Божји Син, преку воскресението од мртвите, Исус Христос, нашиот Господ;
5 преку Кого добивме благодат и апостолство, за да ги приведеме сите народи кон послушност на верата, заради Неговото Име,
6 меѓу кои сте и вие повиканите од Исус Христос.
7 До сите мили на Бога, повиканите светии, кои се во Рим: благодат вам и мир од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос.
8 Пред сè, Му благодарам на мојот Бог, преку Исус Христос, за сите вас, бидејќи за вашата вера се зборува по целиот свет.
9 Зашто Бог, Кому Му служам во својот дух во објавувањето на Евангелието за Неговиот Син, ми е сведок оти везден си спомнувам за вас,
10 секогаш барајќи во моите молитви да успеам барем еднаш, ако сака Бог, да дојдам кај вас.
11 Зашто копнеам да ве видам, за да ви пренесам духовен дар за ваше зацврстување,
12 всушност, меѓу вас, заедно со вас да најдам утеха преку заедничката вера, вашата и мојата.
13 Не сакам, браќа, да ви остане непознато дека многупати имав намера да дојдам кај вас, а досега бев спречуван, за да имам некој плод и меѓу вас, како и меѓу останатите народи.
14 Должен сум им на Грците и варварите, и на мудрите и неразумните.
15 И така, доколку е до мене, готов сум да ви го проповедам Евангелието и вам што сте во Рим.
16 Зашто, јас не се срамам од Евангелието, бидејќи тоа е Божја сила за спасение на секој кој верува, првин за Евреинот, а и за Гркот.
17 Бидејќи во него се открива Божјата праведност, од вера во вера, како што е напишано: 'Праведникот ќе живее по вера.'
18 Bпрочем, Божјиот гнев се открива од небото против секоја безбожност и неправедност на луѓето, кои со неправедност ја потиснуваат вистината;
19 зашто она што може да се знае за Бог ним им е откриено; бидејќи Бог им го откри тоа.
20 Неговите невидливи особини, Неговата вечна сила и божествената природа, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, и можат да се разберат преку создаденото, па немаат оправдание.
21 Зашто, иако Го познаа Бога, не Му оддадоа почит како на Бог, ниту Му благодарија; туку станаа суетни во своите мудрувања и нивното неразумно срце се помрачи.
22 Нарекувајќи се мудри, станаа безумни,
23 и ја заменија славата на бесмртниот Бог со облик на смртен човек, на птици, на четироножни животни и на лазачи.
24 Затоа Бог, со похотта на нивните срца, ги предаде на нечистотија, за самите да си ги обесчестуваат своите тела,
25 бидејќи Божјата вистина ја заменија со лага, и му се поклонуваа и служеа на создаденото наместо на Создателот, Кој е благословен во вечни векови, Амин!
26 Затоа Бог ги предаде на ниски страсти: нивните жени го заменија природниот однос со неприроден.
27 Мажите, исто така, го напуштија природниот однос со жена и се распалија со желба еден спрема друг, правејќи срамни дела мажи со мажи и добивајќи ја заслужената казна во себе за својата изопаченост.
28 И бидејќи сметаа дека не им годи да Го сознаваат Бога, Бог ги предаде на нивниот изопачен ум, за да го прават она што не прилега,
29 исполнети со секаков вид неправедност, пакост, алчност, злобност; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи,
30 клеветници, богомрасци, дрски, надмени, фаленичари, измислувачи на зла, непокорни на родителите,
31 без разбирање, вероломци, без љубов и немилосрдни.
32 Иако ги знаат Божјите одредби: дека оние кои прават така заслужуваат смрт, сепак, не само што прават така, туку сесрдно ги одобруваат и другите, кои го прават истото.