Јуда

1 Павле, апостол на Исус Христос преку Божјата волја и братот Тимотеј,
2 до светиите и верните браќа во Христос, во Колос. Благодат вам и мир од Бог нашиот Татко.
3 Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господ Исус Христос, молејќи се секогаш за вас;
4 зашто чувме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта што ја имате спрема сите светии и
5 заради надежта која се чува за вас на небесата, за која чувте порано од словото на вистината, Евангелието,
6 кое дојде кај вас, како и во целиот свет, и плодоносно расте како и во вас од оној ден кога го чувте и ја запознавте Божјата благодат во вистината,
7 како што го научивте од Епафрас, нашиот мил сослужител, кој е верен Христов служител за вас,
8 кој и нè извести за вашата љубов во Духот.
9 Затоа и ние од оној ден кога го чувме тоа, не престануваме да се молиме за вас и да бараме да се исполните со познавањето на Неговата волја со секаква мудрост и духовно разбирање,
10 за да живеете достојно за Господ и да Му бидете по волја во сè; принесувајќи плодови во секое добро дело и растејќи во познавањето на Бог;
11 зајакнати со сета сила, согласно со Неговата славна моќ, за секаква непоколебливост и трпение; со радост
12 благодарејќи Му на Таткото, Кој нè оспособи за учество во наследството на светиите во светлината.
13 Зашто Тој нè избави од власта на темнината и нè пренесе во царството на Својот сакан Син,
14 во Кого имаме откуп, простување на гревовите.
15 Тој е лик на невидливиот Бог, Првороден на сето создание,
16 зашто преку Него е создадено сè што е на небесата и на земјата; видливо и невидливо, престоли, господства, началства или власти - сè е создадено преку Него и за Него.
17 И Тој е пред сè и сè суштествува во Него.
18 Тој е и глава на телото, Црквата; Тој е Почетокот, Првородениот од мртвите, за да биде прв во сè,
19 зашто на Таткото му беше по волја во Него да живее сета полнота,
20 и преку Него да измири со Себе сè што е на земјата или на небото, творејќи мир преку крвта на Неговиот крст.
21 И, иако некогаш бевте отуѓени и непријатели во своето мислење и во злите дела,
22 сега ве измири преку смртта на Неговото тело, за да ве претстави пред Себе свети, непорочни и беспрекорни,
23 само ако останете во верата цврсто втемелени и непоколебливи во надежта на Евангелието што го чувте, кое му беше проповедано на целото создание под небото и на кое јас, Павле, му станав служител.
24 Сега се радувам во моите страдања заради вас - и во моето тело го дополнувам тоа што им недостига на Христовите маки за Неговото тело, Кое е Црквата,
25 на која и станав служител според Божјото устројство, што ми е дадено за ваша полза, за да го исполнам Божјото слово,
26 тајната што беше скриена за векови и поколенија, а која им е откриена сега на Неговите светии,
27 на кои Бог сакаше да им објави што е богатството на славата на оваа тајна меѓу неевреите, која е Христос во вас, надежта на славата.
28 Ние Го навестуваме Него, опоменувајќи и поучувајќи секој човек во сета мудрост, за да го претставиме секој човек зрел во Христос.
29 Затоа се трудам и се борам сходно со Неговата делотворна сила, која силно дејствува во мене.