Галатјани

1 Павле, апостол на Христос Исус по Божја волја, според ветениот живот во Христос Исус,
2 до Тимотеј, моето мило чедо: благодат, милост и мир од Бог Таткото и Христос Исус, нашиот Господ.
3 Му благодарам на Бог Кому со чиста совест Му служам уште од моите прародители, спомнувајќи те постојано, ноќе и дење, во своите молитви;
4 а кога ќе си спомнам за твоите солзи, копнеам да те видам, да се исполнам со радост;
5 зашто си спомнувам за нелицемерната вера што е во тебе, која отпрвин се наоѓаше во твојата баба Лоида и во мајка ти Евникија, а уверен сум дека е и во тебе.
6 Затоа ти напомнувам да го разгоруваш Божјиот дар, кој е во тебе преку моето ракополагање.
7 Зашто Бог не ни даде дух на страшливост, туку дух на сила, љубов и воздржливост.
8 Затоа, не срами се од сведоштвото за нашиот Господ и од мене, затвореникот за Него, туку страдај и ти со мене за Евангелието, според силата на Бог,
9 Кој нè спаси и нè повика со свето призвание, не според нашите дела, туку по сопствената цел и благодат, која ни беше дадена во Христос Исус уште пред вечни времиња,
10 а која сега се откри преку јавувањето на нашиот Спасител Христос Исус, Кој ја укина смртта и на виделина донесе живот и бесмртност преку Евангелието,
11 за кое јас сум поставен како гласник, апостол и учител.
12 Заради тоа и го поднесувам сето ова, но не се срамам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Тој може да го запази она што Му го доверив, сè до оној Ден.
13 Држи се за примерот на здравото слово што го имаш чуено од мене во верата и љубовта која е во Христос Исус!
14 Запази го доброто што ти е доверено преку Светиот Дух Кој живее во нас.
15 Ти го знаеш тоа, дека во Азија сите се одвратија од мене, меѓу кои се и Вигел и Ермоген.
16 Господ да му даде милост на домот на Онисофор, зашто повеќепати ме освежи и не се засрами од моите окови,
17 туку, кога дојде во Рим, грижливо ме побара и ме најде.
18 (да му даде Господ да најде милост пред Господа во оној Ден!) А ти, многу добро знаеш каква служба вршеше тој во Ефес.