Откровение

1 Откровението на Исус Христос, што Му го даде Бог за да им ги покаже на Своите слуги, настаните што треба наскоро да се случат; Тој, преку Својот ангел, му го пренесе и му го објави тоа на Својот слуга Јован,
2 кој преку Божјото слово посведочи за сè што виде преку сведоштвото на Исус Христос.
3 Блажен е оној што чита и блажени се оние што ги слушаат зборовите на пророштвото и го пазат напишаното во него, зашто времето е близу.
4 Јован до седумте цркви во Азија: благодат вам и мир од Оној Кој е, Кој беше и Кој доаѓа; и од седумте Духови кои се пред Неговиот престол,
5 и од Исус Христос, верниот Сведок, Првородениот од мртвите и Bладетелот на земните цареви, Нему, Кој нè љуби и Кој нè ослободи од нашите гревови преку Својата крв,
6 и нè направи царство, свештеници на Својот Бог и Татко - Нему слава и власт во вечни векови! Амин.
7 Еве, доаѓа со облаците и ќе Го види секое око, дури и оние кои Го прободоа, а сите земни племиња ќе тагуваат заради Него. Да, амин!
8 'Јас сум Алфа и Омега', вели Господ Бог, 'Кој е, Кој беше и Кој доаѓа - Сèмоќниот'.
9 Јас, Јован, ваш брат и соучесник во неволата и во царството, и во трпението во Исус, бев на островот наречен Патмос, заради Божјото слово и сведоштвото за Исус.
10 Bо Господовиот ден бев во Духот и зад себе чув силен глас, како од труба,
11 кој велеше: 'Запиши го на свиток она што го гледаш, и испрати го до седумте цркви: во Ефес, во Смирна, во Пергам, во Тиатир, во Сард, во Виладелфија и во Лаодикеја.'
12 Се обѕрнав за да го видам гласот што ми зборуваше. И кога се свртев, видов седум златни светилници,
13 а сред седумте светилници, Еден, сличен на Синот Човеков, облечен во облека долга до нозете и препашан со златен појас преку градите.
14 Неговата глава и косата беа бели како бела волна, како снег, а Неговите очи како огнен пламен;
15 Неговите стапала како бронза вжарена во печка; а Неговиот глас, како шум од многу води.
16 Bо Својата десна рака држеше седум ѕвезди, од Неговата уста излегуваше меч со две сечила, а Неговото лице беше како што сонцето свети во својата сила.
17 И кога Го видов, паднав како мртов пред Неговите нозе, а Тој ја положи Својата десница врз мене и ми рече: 'Не плаши се! Јас Сум Првиот и Последниот,
18 и Живиот; бев мртов, и еве, Жив Сум во сите векови и ги имам клучевите на Адот и смртта.
19 Затоа, напиши го ова што го виде, и тоа што е и она што ќе биде потоа.
20 Тајната на седумте ѕвезди што ги виде во Мојата десница и на седумте златни светилници е: седумте ѕвезди се ангелите на седумте цркви, а седумте светилници се седумте цркви.